Филипче: Потребен е политички консензус
Да го искористиме времето и искуството на другите земји, за да исчекориме напред и да покажеме резултати во преговорите за членство во Европската Унија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, д-р Венко Филипче.
На денешната работилница „Придонесот на Собранието во ЕУ преговорите“, организирана во рамки на проектот „Поддршка на Европската интеграција на Северна Македонија“, Филипче посочи дека Македонија нема друга иднина освен Европа, а Националниот совет за евроинтеграции треба да биде платформа која ќе се надградува со искуства од другите земји.
„Треба да учиме од туѓи грешки, од туѓи искуства и на тој начин да покажеме дека имаме некаква визија, имајќи предвид дека сме компатибилни како земји и со Црна Гора и со Албанија, коишто се сега неколку чекори пред нас, поради нивната посветеност, којашто ја покажаа во изминатите повеќе години, потврдувајќи ја визијата каде сакаат да ја видат својата земја во иднина“, рече Филипче.
На работилницата, Филипче нагласи дека е потребен политички консензус, особено во спроведувањето на реформите кои произлегуваат од преговарачката рамка.
„Барем во делот на спроведувањето на реформите, да покажеме некаков перформанс. Жално е што тоа не се случува во овој момент со доволна динамика, така како што треба да се случува. Се доцни со носењето на приоритетните закони од реформската агенда, пред сè од Министерството за правда. Меѓутоа, има еден добар, позитивен момент, имавме заеднички и надпартиски консензус во критиката на министерот за правда на минатиот состанок, од најголемите политички партии“, рече Филипче.
Во однос на постигнувањето политички консензус за обезбедување уставни измени и за отпочнување на преговорите со ЕУ, Филипче потенцираше дека Собранието треба да биде телото во коешто тој процес ќе се одвива.
„Нема друга институција во државата во која што треба да седнат сите политички чинители и да го постигнат потребниот консензус. Ако и формалниот дел, самото гласање, и така натаму, се одвива во Собранието, нема потреба да бараме други форми“, рече Филипче.
Денешната работилница има за цел да ги зајакне капацитетите на Собранието во процесот на Европските интеграции, преку унапредување на неговата улога во вршењето на демократски надзор, поттикнување на инклузивност и градење на политички и општествен консензус околу реформите поврзани со ЕУ. Целта на проектот во рамки на работилницата, кој се имплементира од Канцеларијата на Обединетите нации за услуги на проекти (UNOPS), е да ја зајакне институционалната подготвеност и капацитетите на Северна Македонија за водење ефективни пристапни преговори и успешно управување со процесот на интеграција во Европската Унија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа