На повидок мир во Украина - Песков откри детали од разговорот меѓу Путин и Трамп
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков утринава зборуваше за вчерашниот разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, кој траеше речиси час и половина. Песков рече дека Трамп повика на брз прекин на непријателствата и мирно решавање на конфликтот.
„Претседателот Путин, од друга страна, ја истакна потребата да се елиминираат основните причини за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне преку мировни преговори“, рече Песков за новинарите.
Тој додаде дека рускиот претседател ја поддржува идејата дека „дојде време нашите земји да соработуваат“ и го покани Трамп да ја посети Москва.
Путин, исто така, изрази подготвеност да прими американски претставници во Русија за да разговараат за теми од заеднички интерес, вклучувајќи го и прашањето за Украина и мирното решение во таа земја, рече Песков.
Во меѓувреме, шефот на руската надворешна разузнавачка служба, Сергеј Наришкин, за државната новинска агенција РИА изјави дека телефонскиот разговор на Путин со Трамп бил „длабок и значаен“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа