Зеленски по разговорот со Трамп: Киев е подготвен за преговори со Москва
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот по телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина е „подготвена“ за преговори со Москва за наоѓање решение за конфликтот.
„Но, за да се случи ова, Русија треба да покаже дека е сериозна во врска со завршувањето на војната, почнувајќи со целосно, безусловно примирје“, напиша Зеленски на социјалните мрежи по телефонскиот разговор со Трамп.
Висок функционер од кабинетот на украинскиот претседател рече дека разговорот поминал „многу добро“.
Според него, разговорот меѓу двајцата челниции на англиски јазик траел околу дваесет минути, а неговите главни теми биле „дипломатијата и прашањето за прекин на огнот“ што Вашингтон и Киев се обидуваат да го воспостават на првите линии на битката со руската армија.
Двајцата претседатели разговараа и за договорот за минерали што беше ратификуван од украинскиот парламент во четврток, соопшти истиот извор.
Договорот со САД за експлоатација на природните ресурси на Украина, ратификуван во четврток, би можел, според Киев, да го отвори патот за нова американска воена помош.
„Украинскиот парламент го ратификуваше историскиот договор за економско партнерство меѓу Украина и САД“, објави претходно на X украинската министерка за економија Јулија Свириденко.
Документот се однесува на екстракцијата на минерали, нафта и гас во Украина. Тоа не вклучува безбедносни гаранции за Киев, иако Украина инсистираше на тоа.
Договорот беше потпишан кон крајот на април по неколку недели тензии меѓу Киев и Вашингтон, кои кулминираа со вербален судир меѓу претседателот Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба кон крајот на февруари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа