Гутереш: Војната во Газа не може да се толерира ниту морално, ниту политички, ниту правно
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска изјави дека тоа што се случува во Газа е ужасно и дека војната на палестинската територија не може да се толерира ниту морално, ниту политички, ниту правно.
Гутереш, исто така, рече дека би бил спремен да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во ОН следната недела, јавуваат британските медиуми.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно утринава започнаа проширени копнени операции во градот Газа, како дел од новата фаза од воената офанзива против палестинската милитантна организација Хамас.
Беа извршени воздушни напади, а копнените трупи на ИДФ навлегоа во нови делови од градот кои сè уште се под контрола на Хамас.
„Тајмс оф Израел“ наведе дека цел на операцијата е да се опколи Газа и да се ослабат силите на Хамас, кои се проценуваат на неколку илјади борци, додека во областа сè уште има околу 600.000 цивили.
Во меѓувреме, Ал Џезира објави дека од утринава во Газа се убиени 68 цивили.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа