Зеленски му се заблагодари на Вучиќ за иницијативата за обнова на украинските населби

 


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес, во разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ во Одеса, изрази благодарност за иницијативата на српскиот претседател да помогне во напорите за обнова и да преземе покровителство за обнова на неколку украински населби.

По разговорот со Вучиќ на Самитот Украина - Југоисточна Европа, Зеленски на својот Инстаграм профил оцени дека тоа е „вистински ефикасна форма на соработка“ и додаде дека се радува на позитивни резултати.

Тој изјави дека со Вучиќ разговарал за меѓусебната поддршка на двете земји на нивниот пат кон Европската Унија, билатералната соработка и обновата на Украина.

Тој му изрази благодарност на Вучиќ за учеството на Самитот и за помошта на Украина.

„Ова е прва посета на претседателот (Вучиќ) на Украина и навистина е важно да се биде тука во Украина и да се биде сведок на војната од прва рака“, напиша Зеленски.

Тој додаде дека Киев ја цени поддршката на Србија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

По денешната средба со Зеленски, Вучиќ изјави дека со него разговарал за важноста од постигнување долгорочен и одржлив мир, почитување на меѓународното право и улогата на дипломатијата во надминувањето на конфликтот.

11.06.2025 - 22:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега