Завршена идентификацијата на загинатите во пожарот во Турција: бројот на загинати е 78
Турското Министерство за правда соопшти дека е завршена идентификацијата на сите тела на жртвите од големиот пожар во хотелот во ски-центарот Болу Карталкаја на северот на Турција.
Во соопштението на Министерството беше истакнато дека бројот на загинати е 78.
„Идентификувани се сите тела на жртвите од пожарот во Болу. Бројот на луѓе кои ги загубија животите во пожарот е 78“, се вели во соопштението на Министерството, пренесува ТРТ.
Хотелот каде што избувна пожарот во вторникот во раните утрински часови е претворен во руина, а истрагата за причините за несреќата е во тек.
Министерот за правда Јилмаз Тунџ сподели објава на социјалните мрежи во врска со истражниот процес. Тој изјави дека седумчлената стручна комисија ја продолжува истрагата.
Тој објави дека во рамки на истрагата се приведени вкупно 11 лица, меѓу кои и заменик-градоначалникот на Болу одговорен за пожари, директорот на противпожарната служба, сопственикот на компанијата, генералниот директор на компанијата и директорот на хотелот.
За хотелот „Гранд Картал“ пополнет е прелиминарен извештај за проценка на штети при што е утврдено дека објектот е „тешко оштетен“. По објавувањето на конечниот извештај ќе се донесе одлука дали хотелот ќе се реновира или ќе се урива.
Екипите ги завршија последните операции за пребарување во средата попладне.
Екипите за пребарување и спасување на Жандармеријата (ЈАК) исто така извршија идентификација на вредни предмети во хотелот. Собраните вредни предмети се испратени на судски депозит.
Освен тоа, била запечатена и зградата на хотелот, околу која жандармеријата презела безбедносни мерки и поставила безбедносен кордон, јавува Танјуг.
Турското Министерство за здравство соопшти дека 40 повредени се отпуштени од болница, а уште десет повредени се задржани на лекување.
Во моментот на несреќата од хотелот биле евакуирани околу 230 лица. Противпожарните екипи пожарот го ставија под контрола дури по десет часа гаснење.
Како што пишуваат турските медиуми, во 12-катниот хотел, изграден претежно од дрво, пожарникарите биле лоцирани во внатрешноста на зградата, немало доволно противпожарни апарати, а не се огласил ниту алармот за пожар. Хотелот беше полн бидејќи зимската сезона и училишниот распуст се во полн ек.
Карталкаја, во провинцијата Болу, е една од најважните зимски туристички дестинации во Турција и привлекува илјадници гости за време на скијачката сезона.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа