Засилени контроли: Владата ќе ги "чешла" трговските ланци
По повиците на социјалните мрежи граѓаните во петок да не пазаруваат во маркетите поради високите цени како што тоа се случи во Хрватска, а такви акции се најавени и во Босна и Херцеговина и Црна Гора, надлежните институции најавуваат ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.
По вчерашната средба во Владата со Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција, премиерот Христијан Мицкоски најави одлучна, одговорна и транспарентна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард.
- Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.
Ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот.
Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за околу 400 денари во однос на декември, а во делот на храната и пијалоците има зголемување за 123 денари.
Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија кој денеска на прес-конференција ги објави најновите податоци за Синдикалната минимална кошничка и за тоа дали новогодишната кошничка ги дала посакуваните ефекти. Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемвање од 10,63 проценти.
- Граѓаните во Македонија не дека живееме многу добро и имаме многу добри плати, па пазариме и со тоа ја погреваме инфлацијата и платите се виновни за зголемувањето на инфлацијата, туку трговците се алчни и се богатат на грбот на работниците со тоа што го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Дури се сомневаме и дека она што го ветуваат сега дека во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи е мамка да не ги намалат цените на производуте кои на светските берзи бележат намалување, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција на 21 јануари.
Оценката на ССМ е дека инфлацијата не е 3,5 проценти како што покажуваат статистичките податоци, туку е многу повеќе со оглед на тоа дека за 12 месеци, односно од почетокот на минатата година досега, минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти.
Оттаму сметаат дека оправдани се нивните барања за зголемување на минималната плата и на сите останати плати. Сметаат дека се потребни и други мерки од страна на Владата за да се заштити животниот стандард на граѓаните.
Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа