За Зеленски доаѓањето на Трамп претставува надеж, Путин отворен за дијалог
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на САД претставува надеж за решавање на многу проблеми, вклучително и глобални, пренесува Anadolu.
Со полагањето заклетва во Капитол, Трамп денеска и официјално стана 47-ми претседател на САД, а Зеленски на социјалните мрежи објави честитка и специјална порака.
„Денес е ден на промени и ден на надеж за решенија за многу проблеми, вклучувајќи ги и глобалните. Претседателот Трамп е секогаш одлучувачки, а неговата декларирана политика на мир преку моќ дава можност да се зајакне американското лидерство и да се постигне траен и праведен мир, а тоа е најважно“, рече Зеленски.
Тој му посака успех на Трамп на функцијата.
„Очекуваме активна и заемно корисна соработка. Заедно сме посилни и можеме да обезбедиме поголема безбедност, стабилност и економски раст и на светот и на нашите земји“, рече Зеленски.
Во изјавите за време на изборната кампања, како и по неговата изборна победа, Трамп рече дека ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
И Путин му честиташе на Трамп
Кремљ денеска објави и порака од рускиот претседател Владимир Путин, кој рече дека Русија е отворена за дијалог со администрацијата на Трамп за Украина.
Во соопштението се наведува дека Путин денеска одржал состанок со членовите на рускиот Совет за безбедност, на кој разговарале за ситуацијата на Блискиот Исток и Украина, како и за односите меѓу Русија и САД.
„Отворени сме за дијалог со новата американска администрација за украинското прашање. Најважниот елемент овде е решавање на основните причини за кризата. Краткорочен прекин на огнот или пауза за повторно вооружување на воените сили за продолжување на конфликтот не доаѓа предвид, долгорочниот мир да се постигне врз основа на почитување на легитимните интереси“, рече Путин.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа