За првпат во Илинден: Граѓаните ќе можат да изнајмуваат електрични автомобили
За првпат граѓаните на општина Илинден ќе имаат можност да изнајмуваат електрични автомобили за своите потреби. За таа цел, градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски и директорот на „Авант кар“, Мартин Милевски, потпишаа меморандум за соработка. Преку тој меморандум се овозможува на територија на општината, воведување и имплементација на систем за дистрибуција на автомобили со 100 отсто електрична енергија, се наведува во денешното соопштение на локалната самоуправа.
- Поставени на три локации на територија на општината, односно на паркингот кај Домот на култура „Илинден“, на паркингот кај спортската сала „Гоце Делчев“ и на паркинг - просторот кај спортско - рекреативниот центар во Марино, граѓаните преку инсталирање апликација на својот мобилен уред, ќе можат да го користат електричниот автомобил. На локациите каде се наоѓаат автомобилите ќе бидат поставени и електрични полначи за истите. Автомобилите се под името на брендот „Авант“ - „Avant2GO“, се додава во соопштението.
Според Георгиевски, општина Илинден од ден на ден станува сѐ поубава и помодернизирана. Целта била, како што се наведува во соопштението, да се подобри квалитетот на живот преку создавање напредни решенија за одржлива мобилност.
- Ние ја следиме визијата за чиста, едноставна, ефикасна и достапна подвижност, што дејствува како платена услуга само кога ни е потребна. Споделувањето на електричните возила е самопослужување краткорочен наем на разни воспоставени електрични возила по претходно утврдени локации 24 часа на ден, секој ден во годината. Преку апликацијата што треба да биде инсталирана на паметен телефон - од резервација до плаќање, корисникот може да земе возило во секое време, се потенцира во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа