ВМРО-ДПМНЕ: СДС преспаа седум години на власт и сега за шест месеци очекуваат чуда да се случат

 


Борбата против загадувањето, посебно на воздухот, е долг процес кој бара стратешки пристап, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС за време на седум годишното владеење не направи ништо и не преземаше никакви мерки за намалување на загадувањето на воздухот.

Да направеа нешто, како што впрочем сега од опозиција тврдат, до сега веќе би ги почувствувале првите резултати и Скопје и другите македонски градови, со сигурност, немаше да бидат лидери на европските и светски листи по загаденост на воздухот.

Во однос на борбата против загадувањето, СДС буквално ги проспаа седумте години на власт и сега за шест месеци очекуваат чуда да се случат и воздухот наеднаш да стане чист без штетните честички.

Кога СДС предлагаат некои мерки добро е да се информираат, или барем да изгуглаат, па ќе видат дека тие мерки што ги предлагаат како итни, веќе се донесени и се имплементираат.

Владата веќе донесе Акциски план за чист воздух за период 2024-2025 година, кој вклучува имплементација на краткорочни мерки на национално ниво за намалување на емисиите на цврсти и штетни честички.

Овој Акциски план е изработен од Министерството за животна средина и просторно планирање и е донесен 21 ноември 2024 година. Во него се предвидени сите мерки кои СДС сега како загрижена опозиција ги предлага, како што се правилно користење на огревното дрво за затоплување на домовите, вонредни инспекциски надзори на инсталации со А и Б интегрирани еколошки дозволи, вонредни контроли на станиците за технички преглед на возила, вонредни контроли на техничката исправност на возилата, редовно чистење на атмосферските шахти и миење на улиците и тротоарите, вонредни контроли на градилиштата, строга забрана за горење на отворено и така натаму.

Исто така, се доделија и ваучери за инвертер клими со цел промена на начинот на затоплување на домовите и истата мерка ќе продолжи и годинава.

Освен овие краткорочни мерки кои се на сила и се спроведуваат, за да се реши проблемот со загадувањето потребни се и долгорочни мерки и инвестиции како што е изградба на гасна централа, која ќе овозможи еколошки и пристапен за сите начин на затоплување на домовите и конкурентна енергија за стопанството и индустриските капацитети.

За изградба на една ваква централа, веќе има заинтересиран инвеститор и ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи што побрзо да се дојде до договор и до нејзина реализација“, стои во соопштенеито на ВМРО-ДПМНЕ.

10.01.2025 - 14:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега