Вечерва почнува првото полуфинале на „Евросонг 2025“ во Базел

 


Во 21 часот вечерва почнува првото полуфинале на 69. издание на „Евросонг“ во Базел. Настанот е организиран од ЕБУ и Швajцарската радиодифузна корпорација. Водителки на годинашниот „Евросонг“ ќе бидат Хејзел Бругер и Сандра Студер.

Во првото полуфинале ќе се натпреваруваат 15 земји, а ќе настапат и претставниците на Италија, Шпанија и Швајцарија.

Во неделата, на 11 мај, претставниците од 37-те земји учеснички на „Евросонг 2025“ го изодеа познатиот тиркизен тепих – којшто оваа година е најдол досега – 1,3 километри.

Пред почетокот на годинашниот музички натпревар, повеќе од 70 поранешни евровизиски натпреварувачи, вклучувајќи ги и победниците, потпишаа отворено писмо до Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во кое побараа Израел да биде исфрлен од натпреварот.

– Ја разбираме загриженоста и длабоко вкоренетите мислења околу актуелниот судир на Блискиот Исток. ЕБУ не е имуна на глобалните случувања, но заедно со нашите членови, нашата улога е да обезбедиме натпреварот да остане универзален настан којшто промовира врски, различност и вклученост преку музиката. Сите ние се стремиме да ја одржиме „Евровизија“ позитивна и инклузивна и да му покажеме на светот што би можело да биде, а не нужно она што е, соопшти ЕБУ во одговорот.

Израелската претставничка на „Евровизија“, Јувал Рафаел викендов беше пречекана со демонстрации во Базел поради што израелската телевизија „Кан“ поднесе пријава до тамошната полиција. Рафаел треба да настапи во втората полуфинална вечер в четврток.

Јувал Рафаел, која го преживеала нападот на Хамас врз Израел, победи на израелскиот фестивал „Нова“ за учество на годинашниот „Евросонг“.

Македонската радиотелевизија – МРТВ ќе врши директен пренос.

13.05.2025 - 10:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега