Три дена без храна: Црвениот крст од Кочани однесе помош за човекот од с. Видовиште
Службите на Црвен крст од Кочани утрово однесоа помош до Ванчо Димитров, неподвижен човек во селото Видовиште откако тој вчера самиот се пријавил на бројот за итни случаи 112 дека е во многу лоша здравствена состојба и три дена е без храна. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) го пријавија случајот, но неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат.
Црвениот крст кај Димитров дома однесе два хуманитарни пакети со конзервирана храна.
„Дистрибуирани се два хуманитарни пакети со конзервирана храна на домашната адреса на лицето кое престојува во село Видовиште, Општина Зрновци.
Општинската организација на Црвен крст Кочани ја информира јавноста дека лицето Ванчо Димитров е наш корисник и е забележано во евиденцијата на општинската организација како лице од социјален ризик. Притоа, повремено лицето се опслужува со хуманитарни пакети со храна. Последен пат лицето беше посетено на 26.11.2024 година при што му беше доставен хуманитарен пакет. Денешната дистрибуција е втора по ред во период од две седмици.
Црвен крст Кочани за конкретниот случај досега неколкупати интервернираше до ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани за хоспитализација на пациентот во здравствената установа. Од нивна страна секогаш е одговорено позитивно и лицето неколкупати беше медицински згрижено во здравствената установа“, соопшти Црвениот крст од Кочани.
09.12.2024 - 15:19
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа