Трамп најавува нови царини, Кина возвраќа со контрамерки

 


Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира денеска да објави царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД.

Тој наведе дека овие даноци ќе важат за „секој челик и алуминиум што ќе влезе во САД“ и додаде дека ќе објави „реципрочни царини“ за одредени земји „во вторник или среда“ кои ќе стапат на сила „речиси веднаш“ по објавувањето.

„Многу едноставно, ако тие нас ни наплаќаат, ќе им наплатиме и ние“, им рече Трамп на новинарите кои патуваа со него на „Ер Форс 1“ до Суперболот, пренесува Би-би-си.

Трамп не прецизираше кои земји ќе бидат цел, но рече дека тоа нема да има големо влијание врз земјите кои веќе имаат „слични царини“ како САД.

„За оние кои ќе ги искористат предностите на САД, ќе имаме реципрочни царини“, рече тој.

Како што истакна, „секој челик што ќе влезе во САД ќе подлежи на царина од 25 проценти“, така што „сите“ ќе бидат покриени со царините.

Би-Би-Си наведува дека Канада и Мексико се двата најголеми трговски партнери на САД кога станува збор за челик и дека Канада е најголемиот снабдувач на САД со алуминиум и дека најмногу ќе биде погодена од новите мерки.

За време на неговиот прв мандат, Трамп воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум од Канада, Мексико и ЕУ, но една година подоцна беше постигнат договор со Канада и Мексико за укинување на тие царини, додека даноците за увозот од ЕУ останаа на сила до 2021 година.

Кина му се одмаздува на Трамп
Кинеските царини за одредени американски производи стапија на сила на полноќ, што е најновата ескалација во трговската војна меѓу двете најголеми светски економии. Пекинг најави контрамерки пред пет дена, само неколку минути откако стапија на сила американските царини од 10 отсто за сите кинески производи.

Од денеска ќе наплаќа царина од 15 отсто за увоз на американски јаглен и течен природен гас. Исто така, беше воведена царина од 10% за американската сурова нафта, земјоделските машини и автомобилите со големи мотори.

Минатата недела кинеските власти започнаа антимонополска истрага против технолошкиот гигант Google, додека американската компанија PVH, сопственик на дизајнерските брендови Calvin Klein и Tommy Hilfiger, беше додадена на листата на Кина на „неверодостојни субјекти“.

Кина воведе и извозна контрола на 25 ретки метали, од кои некои се клучни за производство на електронски производи и воена опрема.

10.02.2025 - 09:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега