Трамп ќе се сретне со Зеленски, па со Путин: Американскиот претседател гледа шанса за „многу добар договор“

 

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека неговиот руски колега Владимир Путин ќе прифати европски мировни сили во Украина откако ќе заврши војната. 

Идејата за европски мировни сили повеќепати досега беше отфрлена од Кремљ. 

Пред билатералната средба со францускиот претседател Еманиел Макрон, кој во Вашингтон отиде во обид да ја смири трансатлантската криза, Трамп најави дека во одреден момент може да се сретне и со Путин. Средба најави и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Таа би можела да се случи оваа или наредната недела, а двајцата лидери ќе разговараат за Договорот за минерални ресурси на Украина. 

Трамп беше прашан дали ќе го окарактеризира рускиот претседател Путин како „диктатор“, со оглед на тоа што тој претходно го користеше истиот збор за украинскиот претседател Зеленски.

„Не го користам тој збор лесно, ќе видиме како сето тоа ќе се одвива“, рече Трамп, додавајќи дека постои „шанса за многу добар договор“ меѓу Украина и Русија. Нерешената војна меѓу двете земји „може да доведе до трета светска војна“, додаде тој.

Францускиот претседател Макрон, пак, истакна дека „повторниот ангажман на САД создава неизвесност за Путин“ и додаде дека Франција е подготвена да ѝ даде „безбедносни гаранции на Украина“ во овој критичен момент.

 

24.02.2025 - 21:33

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега