Трамп ја напушта СЗО - Кина: Тоа е грешка
Улогата на Светската здравствена организација (СЗО) треба само да се зајакне, а не да се ослабне, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави повлекување од организацијата. Кина ќе продолжи да ја поддржува СЗО во исполнувањето на нејзините одговорности, изјави портпаролот на министерството Гуо Џиакун на редовната прес-конференција.
Трамп денеска објави дека Соединетите држави ќе се повлечат од Светската здравствена организација, објаснувајќи дека, според него, глобалната здравствена агенција погрешно се справила со пандемијата „Ковид-19“ и со другите меѓународни здравствени кризи. Трамп, исто така, рече дека СЗО не успеала да биде независна од несоодветно политичко влијание од земјите-членки и дека барала големи плаќања од Соединетите држави, несразмерни со сумите обезбедени од други поголеми земји, како што е Кина.
„СЗО не украде, сите крадат од Соединетите држави. Тоа нема да се повтори“, рече Трамп при потпишувањето на извршната наредба за повлекување, набргу по неговата инаугурација за втор мандат.
Овој потег значи дека САД ќе ја напуштат здравствената агенција на Обединетите нации за 12 месеци и ќе ги стопираат сите финансиски придонеси за нејзината работа. САД се убедливо најголемиот финансиски поддржувач на СЗО, со околу 18 отсто од вкупното финансирање.
Последниот двегодишен буџет на СЗО, за 2024 и 2025 година, изнесуваше 6,8 милијарди долари. Заминувањето на САД најверојатно ќе ги загрози програмите низ организацијата. Повлекувањето на Трамп од СЗО не е неочекувано. Тој, исто така, сакаше да ја напушти организацијата во 2020 година, за време на неговиот прв претседателски мандат, обвинувајќи ја СЗО дека и помага на Кина во нејзините напори да го измами светот за потеклото на коронавирусот. Според американскиот закон, напуштањето на СЗО бара отказен рок од една година и плаќање на сите неподмирени обврски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа