Трајановски поднесе оставка: Се повлекувам од заменик-градоначалник на Скопје оти вработените се под постојан мобинг, а Градот го управува ДУИ од Сарај
Заменик-градоначалникот на Скопје Александар Трајановски денеска си поднесе оставка од функцијата. Како што кажа на денешната седница на Советот на Град Скопје, тоа го прави бидејќи вработените се под постојан мобининг и изживување од градоначалничката Данела Арсовска и раководството на Градот. Кажа дека со Градот управува ДУИ од Сарај и дека градоначалничката Арасовска не се бори против департизација како што вели, ниту реализира проекти од програмата која ја вети.
Градоначалничката Арсовска го назначи Трајановски за заменик-градоначалник во септември 2022, а тој е советник во Советот на Град Скопје од партијата ГРОМ.
„Ревносно се борев за изгласување на годишните буџети на градот и програмите на јавните претпријатија, преговарав, дебатирав и аргументирано убедував колеги советници да ги поддржат и да ги гласаат предложените програмски и буџетски точки. Да ми кажеше некој тогаш дека сево ова го правам за да со град Скопје и јавните претпријатија раководи и владее екипа од Сарај и ДУИ, уште веднаш ќе одбиев. Од кал да е, од Сарај да е, директор ќе биде. Во изминатава година, Град Скопје со сите свои ресурси и капацитети работи на проекти исклучиво во Сарај, како да не постојат останатите општини во Скопје. Јас не прифаќам да бидам заменик-градоначалник само на Сарај, не прифаќам ниту градот да удоволува само на потребите на екипата од Сарај. Граѓаните од сите општини во Град Скопје кои уредно си ги плаќаат своите обврски и го полнат буџетот очекуваат и заслужуваат Градот Скопје да работи на проекти и во нивните општини“, рече Трајановски на почетокот на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Трајковски кажа дека раководството на Градот секојдневно врши малтретирање на граѓани, инвеститори, стопанственици, луѓе кои го полнат буџетот на градот и општините, а исто така се врши постојан мобинг, изживување и репресирање на вработените во Град Скопје и јавните претпријатија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа