Тошковски и Саити потпишаа меморандум за засилена соработка во хуманитарното дејствување и безбедноста

 


Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, денеска потпишаа меморандум за соработка помеѓу МВР и Црвениот крст.

Меморандумот претставува основа за понатамошна институционална соработка во областа на хуманитарното дејствување, превенцијата и одговорот при кризни и вонредни состојби, заеднички активности во полето на безбедноста, едукацијата, обуките, како и унапредување на волонтерството и солидарноста во заедницата. Со потпишувањето ќе се овозможи поефикасна координација помеѓу двете институции во интерес на граѓаните и нивната благосостојба.

Министерот Тошковски изрази голема благодарност до Црвениот крст за целокупната досегашна помош што ја има дадено како на Министерството така и на државата и граѓаните и истакна дека унапредување на соработката е со цел зголемување на позитивниот ефект врз државата и граѓаните.

„Ваков тип институционална соработка треба да биде пример како треба да се одвива една успешна соработка во интерес на државата. Овој меморандум за соработка, кој денес го потпишуваме, само дополнително ќе ги зајакне основите за нејзино унапредување и во иднина. Сигурен сум дека резултатите што ќе ги дадеме во иднина ќе бидат уште подобри благодарение на ваквото унапредување“, истакна министерот Тошковски на потпишувањето на меморандумот.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, истакна дека и досегашната соработка на двете институции е повеќе од задоволителна, но во насока на нејзино унапредување се потпишува овој меморандум, кој регулира нови области на заедничко дејствување, кои поефикасно ќе ги пресретнат новите предизвици што се наметнуваат.

„Спроведувајќи ги одредбите од меморандумот, ќе можеме да продуцираме и да произведеме нови форми на соработка, кои ќе овозможат да ги зголемиме хуманитарните ефекти од нашето работење во општеството“, потенцира Саити.

16.07.2025 - 16:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега