Тошковски и Кондратович: Потпишан протокол за реадмисија и голема поддршка од Литванија на европскиот пат на Македонија
Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оствари работна средба со делегација на Министерството за внатрешни работи на Литванија, предводена од министерот Владислав Кондратович. На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу двете министерства и полиции во борбата против организираниот криминал, ситуацијата со илегалната миграција и соработката помеѓу центрите за обука на полициските службеници. Централен момент на средбата беше потпишувањето на Протоколот меѓу двете влади за спроведување на Спогодбата за преземање на лица кои престојуваат без дозвола кои двајцата министри го потпишаа на средбата.
„На моја огромна чест, денес во нашата убава Македонија, како гостин го имаме министерот за внатрешни работи на Република Литванија, почитуваниот Владислав Кондратович. Имавме еден многу убав разговор, на сите теми коишто се од заедничко значење, за нашите две држави и секако за нашите граѓани, Првата и основна причина поради којашто мојот колега е во Македонија е потпишувањето на протоколот за реадмисија којшто по повеќе години е усогласен како текст и денес официјално го потпишавме. Втора точка на којашто разговаравме а ќе биде круцијална за понатамошниот развој за нашата соработка е потпишување на договор за полициска соработка којшто би се фокусирал на борбата против криминалот, организираниот криминал, корупцијата, илегалната миграција. Третата тема на којашто разговаравме е соработка на центрите за обука во Македонија и Литванија во однос на професионализација на нашите полициски службеници, размена на знаења и искуства.“, образложи министерот Тошковски.
Тошковски потенцираше дека преку министерот Кондратович, Литванија ја изразува својата поддршка во процесот на евроинтеграции, со тоа што се вложи со целиот негов тим да бидат на располагање на македонските полициски службеници и МВР во однос на исполнување на сите услови и критериуми зададени од Европската унија.
„Ми претставува чест што сум во Скопје и ќе можеме да ја продолжиме нашата соработка. Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји. Двете земји имаат одлична билатерална и мултилатерална соработка, ги делат европските вредности. Денес зборувавме како да ја унапредиме соработката во областа на внатрешните работи, борбата со криминалот, менаџирањето на границите и миграциите. Со потпишување на Договорот за реадмисија ја засилуваме уште повеќе нашата соработка на темата на безбедноста', потенцираше литванскиот министер Кондратович.
Кондратович истакна дека Литванија целосно ја поддржува Македонија на интегративниот пат кон Европската Унија и ја изрази спремноста за помош на европскиот пат кој на крај носи огромни бенефити за граѓаните и функционирањето на институциите и изрази надеж дека заслуженото место на Македонија во ЕУ ќе дојде што поскоро.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа