Светот зафатен од екстремни горештини: Во еден град измерени 50°C
Сите владини канцеларии, банки и бизниси во иранската покраина Техеран и главниот град Техеран ќе бидат затворени во среда поради екстремно високи температури и потребата од заштеда на енергија.
Властите соопштија дека температурите во иранската престолнина биле над 40 степени Целзиусови и препорачаа граѓаните да останат во затворен простор во текот на најжешкиот дел од денот, објавува АП, повикувајќи се на иранските државни медиуми.
Портпаролката на владата Фатемех Мохаџерани апелираше до жителите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија и вода, според весникот „Иран дејли“.
Ова е втор пат за нешто повеќе од една година Иран да прогласи празник поради временските услови, според АП. Во јули 2024 година беше воведен еднодневен празник поради топлината, додека во 2023 година, властите одобрија дводневен прекин на работата од истата причина.
Според метеоролошката служба, највисоката температура во претходните 24 часа е забележана во градот Боразџан, во јужната покраина Бушер, каде што живата во термометарот достигнала и до 50 степени Целзиусови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа