Струмичко-скопскиот епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати писмо по повод упокојувањето на папата
Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на Светол Понеделник, 21 април 2025 година упати писмо до сите парохии и монашки заедници во Македонија по повод упокојувањето на папата Фрањо.
„Драги браќа свештеници, чесни сестри и верници,
Со голема тага, но и со вера во воскресението и животот вечен, денес во утринските часови на Светол Понеделник, 21 април 2025 година, Господ го повика кај Себе Својот слуга, и наш возљубен пастир, Петровиот наследник, папата Фрањо.
Благодарни сме на Бога за неговиот понтификат, кој на негов својствен начин го покажуваше постојано милосрдното лице на Отецот, а посебно беше глас на сиромашните и маргинализираните. Благодарни сме на неговата Апостолска посета на Македонија во мај 2019 година, која ќе остане во нашите сеќавања и запишана во историјата на Република Македонија. Неговото заземање за мир во светот, за дијалог и братство меѓу народите ќе останат негов завет за идните генерации.
Во овие денови на жалост, како Црква сме повикани на единство и благодарност за дарот што Господ ни го даде преку папата Фрањо. Со вера и надеж да молиме од Воскреснатиот Христос, да ги слушне евангелските зборови: Добар и верен слуго, влези во радоста на својот господар! (сп. Матеј 25,21) и да го прими во Неговото царство.
Ги повикувам сите свештеници и монашки заедници, како и сите верници да се обединат во лична молитва за покојниот папа Фрањо и одредувам денес од сите цркви во 15.00 часот да се огласат камбаните, пропратени со молитви на верниците. Одредувам ден пред неговиот погреб во сите цркви да се служи света Литургија задушница за папата Фрањо“, се наведува во писмото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа