Страшески бара ослободителна пресуда за Палевски, тврди „нема докази“

 

Адвокатот Јовица Страшески на денешното судско рочиште во својот завршен збор во Основниот кривичен суд за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, побара ослободителна пресуда за првообвинетиот Љупчо Палевски, посочувајќи дека Основното јавно обвинителство не ја докажало вмешаноста на Палевски во двата кривично правни настани. 

Според Страшески, Обвинителството не прикажало ниту еден конкретен доказ со кој би се докажала вината на Палевски, како и дека според обвинителниот акт не е јасно какви дејствија преземал. Вели, не постои никаква трага, слика или некаков материјален доказ дека Палевски ги извршил кривичните дела.

- Предлагам обвинитетиот Љупчо Палевски да се ослободи од вина, затоа што според обвинителниот акт не е јасно какви дејствија преземал. Околу целата постапка ниту преземал одредени дејствија кои му се ставаат на товар со другите обвинетите, а ниту поттикнал, ниту наведувал другите обвинети да сторат нешто… Палевски е обвинет со обвинителен акт со само 17 докази, но нема ниту еден конкретен доказ кој ја докажува неговата вина. Докази во овој судски процес не постојат, истакна бранителот на Палевски. 

Страшески презентираше слики и видео снимки од дворот на обвинетиот Велибор Манев кои досега не биле прикажани пред Судот, како принтскрин од службена белешка на полициски службеник виш инспектор во СВР Велес, кој по наредба ги прегледувал видео снимките од хотелот „Романтик“ во близина на Велес, во која е наведен помал број на лица забележани во возилата Рено кангу и Цитроен, од бројот којшто го тврди Обцинителството.

Ниту полицијата, ниту Обвинителството, додаде Страшески, не ги докажале причините зошто е грабната малолетната Вања.

-Често бев прашуван зошто киднаперите се одлучиле да ја грабнат Вања, или биле во план двете девојчиња? Одговор не добивме ниту од полицијата, ниту од обвинителството. Дали Кешишев тргнал со полиција да го откопува телото на Вања и дали притоа свесно биле уништени голем број докази, истакна Страшески. 

Според него, во текот на постапката било прекршено начелото на еднаквост на оружјата и тоа ќе биде основ за идните жалби пред повисоките судови и меѓународниот суд за човекови права. 

На изминатото рочиште одбраната на Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски побараа ослободителна пресуда, откако Обвинителството побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна. Според нив, нема олеснителни околности, а нивните постапки дополнително ја трауматизираат јавноста. 

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

20.06.2025 - 12:45

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега