ССМ денеска ќе протестира за повисоки плати и подобри услови за работа

 


Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот 1 Мај со синдикален протест барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, како што најави вчера, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом и ќе продолжи до Собранието и пред Владата, посочувајќи дека се бара зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра и зголемување на сите останати плати за 100 евра, почитување на колективните договори и зголемување на платите на вработените согласно придобивките од истите.

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на протестот, бидејќи како што појасни вчера претседателот Благоја Ралповски, смета дека во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите секогаш се решаваат на маса.

Трендафилов најави дека на протестот ќе се приклучат и други синдикати кои, потенцираше, застануваат на страната на работнички права.

- Протестот е начин на Први мај да изразиме незадоволство од висината на платите кои ги примаат работниците во Македонија, а како што многупати сме кажале досега се најниски во регионот, а не зборуваме и за пошироко. Сојузот на синдикатите на Македонија ги повикува сите кои му мислат добро на работникот во текот на утрешниот ден, 1 мај во 11 часот да ни се приклучат на работничкиот протест  на рутата на движење-Собрание-Стопанска комора-Влада, повика Трендафилов.

Само синдикалци, нагласи Трендафилов, можат да направат штета на работниците.

- Како што сум кажувал многу пати во минатото и кога синдикалци поддржуваат владини политики тоа секогаш е на штета на работниците. Тоа што го кажал и претседателот на УПОЗ минатите неколку денови е тоа што има уцена за укинување на еден колективен договор за 130 илјади работници во јавниот сектор во Македонија на сметка на неколку илјади работници во јавниот сектор. Тоа што забораваат да ви го кажат или забораваат да го кажат колегите од другите синдикати кои за жал, слават први мај на 30 април е тоа што тие прифаќаат далеку пониски износи од тоа што е предвидено денеска и со закон и со колективен договор. ССМ нема да дозволи ниту еден работник од ССМ да пати за зголемување на платите, кажа Трендафилов.

Тој истакна дека нема социјален дијалог, затоа што нема Економско-социјален совет, репрезентативен синдикат на страна на работниците, нагласувајќи дека не мора да биде ССМ, туку кој било друг синдикат.

- Се  додека имаат изговори дека немаат социјален партнер репрезентативен од спротивната страна да ги истакнува барањата на работниците ако не нè слушаат на маса ќе нè слушаат на улица, рече Трендафилов.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, вчера изјави дека КСС секогаш излегувала на протест кога за тоа ќе почувствувала дека има потреба и дека денеска ќе биде дома со семејството.

- Сега велиме дека имаме добар социјален дијалог и затоа на ваков начин го одбележуваме 1 Мај. Кога ќе почувствуваме дека ќе бидат загрозени нашите права или ќе бидеме дискриминирани, тогаш, бидете сигурни, нема да го чекаме 1 Мај, туку веднаш ќе излеземе на протест, дециден е претседателот на КСС, одговорајќи на новинарски прашања по конференцијата „Работничките права во време на промени: Заедно кон праведна транзиција и ефикасна администрација“.

Според него, и без репрезентативни синдикати, на ниво на грански синдикати се разговарало со Владата која покажала подготвеност од 1 мај да почне повторно и поголемо зголемување на платите во јавниот сектор, но, зошто тоа нема да се случи, треба, оцени, да кажат оние што ќе протестираат.

Меѓународниот ден на трудот се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што во 1886 година се одржа во Чикаго на кој се бараше осумчасовен работно време. Во знак на почит кон жртвите, во 1889 година на основачкиот конгрес на Втората интернационала е донесена Декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации со цел да се подобри нивната положба. Оттогаш во повеќето држави низ светот се одржуваат протестени маршеви. Во земјава, 1 Мај е прогласен за неработен ден согласно Законот за празници.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во над 80 земји во светот. 

01.05.2025 - 10:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега