Синдикатот на полицијата бара додаток на плата за униформираните полицајци и инспекторите во Криминалистика
Синдикатот на полиција во Македонија упати барање до Министерството за внатрешни работи за утврдување на додаток на плата за униформираните полициски службеници и на инспекторите во криминалистичката полиција.
-Анализирајќи ги проблемите со кои се соочуваат униформираните полициски службеници на терен (во оваа категорија спаѓаат полициските службеници од полициските станици од општа надлежност, полициски одделенија и канцеларии и полициски станици за безбедност на патниот сообраќај и полициските службеници -инспектори во криминалистичката полиција) со воочување на проблемите со кои секојдневно се соочуваат, изложувајќи ги своите животи за работа и опасност по живот односно постоење на висок ризик во извршувањето на работите и задачите, имајќи ги во предвид фактите и доказите кои стојат пред нас а пред се се однесуваат на сторени кривични дела токму над наведената категорија на работници, бараме утврдување на додаток на плата согласно член 168 од КД на МВР во износ од минимум 25% за униформираните полициски службеници односно минимум 20% додаток на плата за полициските службеници -инспектори во криминалистичката полиција, се наведува во соопштението од Синдикатот на полиција во Македонија.
Од синдикатот како причини за барањето ги наведуваат податоците според кои во периодот од 01.01.2020 година до 30.09.2024 година регистрирани се вкупно 715 кривични дела „Напад на овластено службено лице“ по член 383 од КЗ.
-Како последица од нападите над полициските службеници, еден полициски службеник е повреден од огнено оружје, на 25 полициски службеници им се нанесени тешки телесни повреди, додека 747 полициски службеници се полесно повредени, пишува во соопштението.
Како што наведуваат, во периодот од 01.01.2020 година до 31.12.2024 година регистрирани се вкупно 522 кривични дела „Спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ по член 382 од КЗ. Во најголемиот број на регистрираните дела кривичните дела се сторени токму кон категоријата на работници за која се бара додаток на плата.
-Се надеваме дека правилно ќе се разгледа и земе во предвид наведеното барање доставено до Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и во иднина ќе бидат опфатени со додаток на плата и наведената категорија на вработени односно во иднина нема да бидат дискриминирани по наведениот основ односно ќе им биде утврден додаток на плата по наведениот основ, посочуваат од Синдикатот на полиција во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа