Сиљановска-Давкова во работна посета на Казахстан
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Република Казахстан каде што утре, 28 мај, среда, ќе оствари средба со претседателот Касим-Жомарт Токајев и ќе учествува на Меѓународниот форум „Астана 2025“.
Во четврток, 29 мај, Сиљановска-Давкова ќе се обрати на пленарната сесија на Меѓународниот форум „Астана 2025“, која ќе ја отвори претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев. Свои обраќања ќе имаат и претседателот на Република Руанда, Пол Кагаме; премиерот и министер за надворешни работи на Државата Катар, шеик Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим ал Тани; премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ; генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој, Матијас Корман и поранешниот генерален секретар на Обединетите нации и актуелен претседател на Собранието и претседавач со Советот на Институтот за глобален зелен раст, Бан Ки-мун.
Форумот што ќе се одржи на 29 и 30 мај на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“, се позиционира како значајна иницијатива за унапредување на мултилатерализмот и заедничкото дејствување во решавањето на глобалните прашања. Меѓу клучните теми се геополитичките предизвици, климатските и економските промени на глобално ниво.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа