Шукова: За две до три години ќе биде пуштена првата линија на БРТ
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, истакна дека проектот БРТ е единственото функционално и одржливо решение за решавање на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје.
Во гостување на Сител телевизија, Шукова зборуваше за својата визија и програма за враќање на духот на градот и подобрување на квалитетот на животот.
„Сметам дека БРТ мора да се реализира прво, затоа што е брз и ефикасен систем, второ затоа што средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој и трето затоа што претставува одржливо, еколошко и безбедно решение за транспорт во градот,“ рече Шукова.
Таа додаде дека првата фаза од БРТ линијата од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче и Аеродром е целосно подготвена за реализација.
„Мора да му дадеме шанса на овој проект. Реалната проценка е дека првата линија може да биде завршена во рок од 2,5 до 3 години по распишувањето на тендерот,“ нагласи Шукова.
Покрај транспортот, таа ја истакна и потребата од подобрување на комуналните услуги како редовно одржување на јавната чистота, донесување на законот за комунална полиција и уредување на претоварната станица Вардариште. Потсети дека проектот „Смарт Сити“ е реализиран само делумно, во областа на јавното осветлување додека останатите бенефити од дигитализацијата сè уште не се имплементирани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа