Се отвара „Гнездо" - Дневен центар за деца и семејства во социјален ризик
Во Скопје денеска ќе биде отворен дневниот центар „Гнездо“. Станува збор за прв центар од ваков тип во државата, и е иницијатива посветена на јакнење на децата и семејствата во социјален ризик.
Дневниот центар „Гнездо“ е основан со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со ЕКПАТ Австрија.
-Нивната поддршка беше значајна во остварувањето на целите на проектот „Зајакнување на иднината“, за центарот да фунционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа, соопштија организаторите.
Отворањето ќе се одржи во просториите на Центарот, во Општина Центар.
Настанот ќе вклучи кратка свечена програма, а најавени се обраќања на државниот секретар Фатмир Сабриу и Аташето на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, Харалд Бреза Фугер.
-Со оваа иницијатива, „Гнездо“ станува симбол на општествена одговорност, грижа и солидарност. Овој настан означува значаен чекор во зајакнувањето на системите за поддршка на заедницата, со фокус на човековите права, инклузијата и можностите, појаснуваат во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа