Се огласија од ЗОО Скопје: Последните три години се родиле 73, а угинале 25 животни

 


Зоолошка градина на град Скопје моментално е дом на 646 животни, од 91 видови, за кои се грижат зоонегуватели кои професионално си ја работат својата работа и имаат грижа и љубов кон сите животни, информираат од ЗОО скопје околу последните случувања.

Нагласуваат дека се обраќаат до јавноста, со надеж дека одредени поединци ќе престанат со ширење дезинформации и невистини.

„И со пласирање на информации на начин и со цел да ја вознемират јавноста, како што се објавите за наше прикривање на угинати над 40 животни. Поради тоа сакаме да известиме за бројот на угинати, но и за бројот на родени животни во 2022, 2023 и 2024 година, според официјалната евиденција и попис. Во 2023 година се родени 40, а угинати 10 животни, а во 2024 година се родени 33 животни, а угинати 15 животни. Вкупниот број на родени животни за овие три години е 73, додека пак на угинати е 25. Повеќето од угинатите животни се единки кои биле во длабока старост. Со оваа официјална бројка сакаме да ставиме крај на дезинформациите за угинати над 40 животни кои се пласираат во јавноста. Во нашата држава има уште многу институции кои се привремен или постојан дом на животни и луѓе, но од ниту една од нив не се очекува и бара, ниту пак тие ја известуваат јавноста за секое угинато животно или починат човек, поради тоа што исто како и на нашата установа, така и на нив, приоритет им е емпатијата кон блиските на угинатото животно или починатиот човек, како и невознемирувањето на јавноста која има емпатија кон сите животни и луѓе. Напоменуваме дека огромен процент на наши посетители е составен од деца. Јавно ги каниме советниците од Советот на Град Скопје, сите медиуми, институции, здруженија и други групи директно или индиректно засегнати и заинтересирани за работењето на нашата установа, организирано и со најава да ја посетат Зоолошка градина Скопје и сами да се уверат во начинот на грижата за животните и нивната благосостојба и да се уверат во отчетноста на нашата установа преку евиденцијата и документацијата која ја водиме и поседуваме“, нагласуваат во соопштението од Зоолошката градина Скопје.

20.02.2025 - 12:35

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега