СДСМ: Истрагата за Кочани е насочена исклучиво кон поранешни функционери
Трагедијата во Кочани во која загубивме 59 млади животи и ја потресе целата држава повикува на неселективна, темелна и сеопфатна истрага која ќе го утврди целиот синџир на одговорност. Ова денеска го велат од партијата СДСМ преку соопштение до јавноста.
- Секој за кој што ќе се утврди дека има одговорност – без разлика дали се работи за поранешен или актуелен функционер – мора да одговара пред лицето на правдата. Сепак, со загриженост гледаме на досегашниот тек на истрагата. Сите анализи упатуваат на впечаток дека досегашниот тек на истргата е селективна и насочена исклучиво кон поранешни функционери и службеници. Досега, ниту еден актуелен функционер не е опфатен, иако трагедијата се случи токму во време кога тие биле на одговорни позиции. Селективна правда не е правда. Зошто ниту еден актуелен функционер не е опфатен со истрагата за Кочани?, прашуваат од опозицијата.
Велат, според јавно достапните информации, двајца поранешни директори на ДПИ се опфатени со истрагата поради наводно непостапување. Но, логично се наметнува прашањето: зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски, не е дел од истрагата? Зарем не е должен да одговори за надлежностите на ДПИ и работата на инспекциските служби пред и во моментот на трагедијата?
- Дополнително, зошто не се испитуваат одговорните лица кои биле на позиции од МВР, односно командирите, инспекторите и раководството на ОВР Кочани и СВР Штип, кои по закон биле обврзани да го обезбедат настанот? Како е можно да се игнорираат оние кои вечерта биле на дежурство, на позиција и со законска обврска да дејствуваат – но не го сториле тоа? Нема одговори на прашањата дали е точно дека сите седум приведени вработени во МВР не биле на функции во ноќта на трагедијата? Овие прашања се легитимни и надлежните институции – Јавното обвинителство и МВР не смеат да молчат. Вистинска правда не може да има без целосна и неселективна истрага, додаваат од СДСМ во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа