Салиу: 8 Април е ден на гордоста и потсетник за предизвиците на ромската заедница

 


Шабан Салиу, министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите истакна дека денеска се одава почит на историјата, културата и придонесот на ромската заедница ширум светот.

-Осми Април се одбележува како Меѓународен ден на Ромите, ден на гордост, но и потсетник за предизвиците со кои се соочува оваа заедница. На овој датум во 1971 година во Лондон се одржа првиот Светски конгрес на Ромите, историски момент во процесот на афирмација на ромскиот идентитет. Овој конгрес донесе многу значајни одлуки како официјалното признавање на ромската нација, усвојувањето на ромското знаме, химната „Џелем, џелем“ и користење на терминот Ром, рече Салиу.

Овој ден, посочи, не е само повод за прослава на богатата ромска култура и традиција, туку и можност за длабока рефлексија за нашата заедничка одговорност – да градиме општество во кое секој граѓанин без разлика на своето етничко потекло има еднакви можности и перспективи.

-Инклузијата, еднаквоста и почитувањето на човековите права мораат да бидат наши водечки принципи во создавањето на подобра иднина на сите, рече Салиу.    

Истакна дека е постигнат значителен напредок, но, како што рече, патот за целосна интеграција и еднаквост на ромската заедница е се уште долг.

-Посветени сме на гарантирање на правата со акцент на заштита на Ромите од дискриминација во сите сфери на животот како што се образованието, работните места, здравството, јавните услуги, домување,...  Нашата визија за иднината е јасна – да обезбедиме целосна социјална и економска инклузија на Ромите, да ја унапредиме нивната позиција во општеството и да се обезбеди секој Ром да има еднакви можности за живот достоен за човечкото битие, потенцира Салиу.

07.04.2025 - 21:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега