Русите се огласија по крвавиот напад на Суми: Цел ни беше состанокот на воените команданти
Еден ден по рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми, во кој беа убиени најмалку 34 лица, меѓу кои две деца, а ранети се уште 117, Русија денеска соопшти дека целта била воена.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија гаѓа исклучиво воени цели одговарајќи на новинарско прашање за воздушниот напад врз североисточниот украински град, што ги шокира регионот и меѓународната заедница.
Руското Министерство за одбрана објави дека во нападот биле употребени две балистички ракети „Искандер“ и дека бил погоден состанокот на украинските команданти во Суми. Истовремено, тие го обвинија Киев дека ги користи цивилите како жив штит.
Украина еден ден претходно објави дека руски ракети паднале во густо населен дел од градот погодувајќи станбени згради и автобуска станица. Претседателот Володимир Зеленски го нарече нападот терористички чин и повика на посилен одговор од меѓународната заедница.
Суми се наоѓа во близина на руската граница и е честа цел на воздушни напади од почетокот на руската инвазија во 2022 година, но вчерашниот напад беше еден од најсмртоносните во последно време. Ова е најсериозниот напад врз цивили во Украина оваа година.
Нападот предизвика бран осуда од Европската Унија, САД, Обединетите нации и од голем број светски лидери, кои предупредија дека таквите напади претставуваат кршење на меѓународното хуманитарно право. Русија досега не понуди независно потврдени докази за тврдењата за воена цел.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа