Костовски: Тошковски диригира селективна истрага и правна фарса за најголемата трагедија во Македонија

 

Правдата за трагедијата во Кочани мора да се испорача на граѓаните,  пред сè на семејствата на загинатите и повредените. Но, наместо тоа, гледаме како се води селективна истрага и правна фарса, под диригентската палка на Панче Тошковски и Мицкоски.  Сè поголем е бројот на граѓани кои веруваат дека власта ги штити оние кој најмногу се засегнати за несреќата, рече организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, во гостувањето во дебатната емисија „Само вистина“ на Канал 5.
 
Тој се осврна на пропустите на МВР поврзани со несреќата во Кочани, кое не дава одговори на главните прашања околу трагедијата.
 
– Никако да дојдеме до главната одговорност. Кој дал дозвола за користење на пиротехнички средства? МВР. Дали полицајци од ОВР Кочани и СВР Штип биле на местото на настанот, каде што имало малолетници? Ова се прашања на кои мора да добиеме одговор. И на крајот, Панче Тошковски треба од морални причини да поднесе оставка. Најголемата трагедија во Македонија се случува во негово време, и постои нешто што се нарекува морал, рече Костовски.
 
Тој нагласи дека сите оние сензационалистички полноќни прес-конференции, на кои премиерот ѝ се обраќаше на нацијата и презентираше делови од доказната постапка, цело време создаваа сомнеж дека истрагата и целата операција се водат со цел да се заштитат сите оние кои биле вработени во МВР, во Државната пазарна инспекција и во УЈП.
 
– Сметам дека власта ги штити оние кои се најмногу засегнати. Нели обвинителот требаше да се смени? А сега одеднаш е добар за власта. Не може во истрагата да бидат виновни луѓе кои повеќе од две години не се на функција, а за овие актуелните да нема ни мерка за претпазливост. Тука е и сомнежот дека самата истрага оди во непосакуван правец – се гонат поранешни, а се оставаат сегашни. И граѓаните сè погласно зборуваат за ова и се поголем број од нив веруваат дека истрагата е селективна, рече Костовски
15.04.2025 - 21:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега