Рубио: Русија подготвува предлог за прекин на огнот во Украина
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Русија подготвува документ со барања за прекин на огнот во Украина, што би можело да отвори пат за продолжување на мировните преговори. Изјавата доаѓа по телефонскиот разговор што Рубио го оствари со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес, Рубио посочи дека и Украина работи на сопствен предлог и изрази надеж дека двете страни ќе излезат со свои документи во наредните денови.
„Ако тие листи имаат идеи кои се реални и рационални, тогаш мислам дека сме постигнале напредок. Но, ако барањата се нереални, ќе мора да направиме поинаква проценка“, рече Рубио, додавајќи дека овој процес не смее да се претвори во бесконечни разговори без резултати.
Тој истакна дека директен дијалог меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски би имал позитивен ефект врз преговорите и дека очекува тоа да се случи наскоро.
Рубио потврди дека со Лавров разговарал и за време на преговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул, одржани на 16 мај. Тој ги оцени разговорите како конструктивни, бидејќи бил постигнат договор за размена на 1.000 воени заробеници од двете страни.
На прашањето дали Русија преку новите преговори се обидува само да добие на време, Рубио одговори: „Тоа ќе се покаже сега“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа