Регионот тагува: Едноминутен молк во Софија за жртвите од Кочани
Неколку илјади луѓе во Софија синоќа со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од пожарот во Кочани. Насобраните граѓани пред Судската палата во центарот на Софија, пред почетокот на протестот за поддршка на владеењето на правото, ги прочитаа имињата на 59-те загинати во Кочани.
Поради трагедијата во Кочани, Бугарија во вторникот прогласи ден на жалост, а бугарскиот државен и политички врв, како и бројни граѓани се потпишаа во книгата на жалост отворена во македонската амбасада во Софија.
Во книгата на жалост, како што објавија од македонската амбасада, се потпишале претседателот Румен Радев, потпретседателката Илијана Јотова, претседателката на Народното Собрание Наталија Киселова, поранешниот шеф на бугарската држава Георги Прванов, министри, заменици-министри, пратеници, амбасадори, дипломати, општественици, лекари, истакнати уметници и автори, граѓани, македонски државјани кои живеат во Бугарија.
До амбасадата пристигнуваат и многубројни пораки со зборови на утеха и надеж, изрази на солидарност и сочувство со македонскиот народ.
Во Бугарија се лекуваат и дел од поврдените во пожарот во Кочани. Бо болниците на Софија, Варна и Пловдив моментално се хоспитализирани 15 лица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа