Путин сакал да се сретне со Трамп
Рускиот претседател Владимир Путин првпат реагираше на вчерашната прва рунда преговори со Американците за Украина.
Тој позитивно го оцени исходот од преговорите меѓу руската и американската делегација во Ријад, истакнувајќи дека средбата е првиот чекор за обновување на соработката во различни области, вклучително и Блискиот Исток, енергетиката и вселенското истражување. Според него, целта на разговорите била да се врати довербата меѓу двете земји, без која, како што тврди, не е можно да се реши ниту едно клучно прашање, вклучително и конфликтот во Украина, пренесуваат медиумите во регионот.
Путин нагласи дека Русија никогаш не ја отфрлила можноста за преговори за Украина и дека не ги прекинала контактите ниту со Европејците, ниту со Киев. Според него, европските и украинските власти ги прекинале или забраниле овие контакти. Тој исто така додаде дека Москва не се меша во внатрешните работи на САД и Европа, за разлика од европските лидери кои, според него, отворено влијаеле на американските избори и користеле навредлив тон кон политичките актери во САД.
Коментирајќи ја можноста за средба со Доналд Трамп, Путин рече дека волјата за одржување на средбата е обострана, но дека поради состојбата на односите меѓу двете земји, таквата средба е понапорна од обичен разговор „на шолја кафе“. Тој исто така истакна дека Трамп сега почнува да добива „објективни информации“ за ситуацијата.
Заклучувајќи за односите меѓу Москва и Вашингтон, Путин рече дека двете страни се согласиле за потребата од враќање на работата на дипломатските претставништва во нормален режим, што може да се смета за еден од првите конкретни чекори кон намалување на тензиите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа