Првпат во историјата: Бели дробови од свиња трансплантирани на човек во Кина

 


Првпат во историјата хирурзи во Кина успешно трансплантираа бели дробови од генетски модифицирана свиња во човек, што претставува огромен чекор во децениските истражувања за ксенотрансплантација – трансплантација на органи помеѓу разни видови.

Научниците од Медицинскиот универзитет „Гуангжу“ во Кина велат дека нивната работа е првиот документиран пример за трансплантација на бели дробови од разни видови.

Белите дробови беа трансплантирани на 39-годишен маж, кој клинички беше прогласен за мозочно мртов по мозочен удар. Органот остана функционален девет дена демонстрирајќи го потенцијалот за идна употреба на свински бели дробови кај луѓето.

Ова истражување покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста во човечкото тело, иако употребата на животински органи кај живи пациенти е веројатно сè уште оддалечена децении, објавува „Дејли мејл“.

Белите дробови на кинеската свиња бама сјанг беа генетски модифицирани со CRISPR-технологијата за да се отстранат антигените што би можеле да предизвикаат отфрлање од страна на човечкиот имунолошки систем. CRISPR е иновативен, но контроверзен метод, што прави прецизни сечења во ДНК, а потоа користи природни процеси на поправка на ДНК за да ги модифицира гените на посакуваниот начин.

Потоа белите дробови на свињата биле трансплантирани кај човек што бил прогласен за мозочно мртов. Ваквите пациенти законски се сметаат за починати, иако машината за дишење ги одржува срцето и белите дробови во функција.

Имунолошкиот систем на примателот не ги отфрлил веднаш свинските бели дробови, но знаци на оштетување биле забележани уште 24 часа по трансплантацијата, а знаци на отфрлање органи се појавиле на третиот и на шестиот ден. Поради ова, експериментот бил прекинат на деветтиот ден.

Резултатите објавени во стручното списание Nature Medicine покажуваат дека ксенотрансплантацијата на белите дробови не е невозможна.

„Нашата студија покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста кај примателите со мозочна смрт до 216 часа“, велат научниците.

Оваа техника е дел од поширок тренд во медицината, каде што бубрегот, срцето и црниот дроб на свињите претходно биле трансплантирани на луѓе, а примателот на свинскиот орган живеел најдолго, 60 дена, со генетски модифициран бубрег.

Белите дробови се особено тешки за трансплантација поради големата изложеност на надворешен воздух и крв, што ги прави подложни на имунолошки напад и инфекции. Сепак, анатомската сличност помеѓу свињите и луѓето го прави овој вид истражување многу ветувачки.

Научниците истакнуваат дека ова истражување е важен чекор кон решавање на глобалниот недостиг на органи и го отвора патот за идните клинички промени кај пациенти на кои им се потребни бели дробови. Понатамошната работа ќе се фокусира на оптимизација на имуносупресивната терапија, дополнителна генетска модификација и стратегии за зачувување органи, со цел да се овозможи трансплантација кај живи пациенти, пренесува медиумот.

26.08.2025 - 20:46

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега