Претседателката: ДУИ пласира лаги, честитка за Косово беше испратена
Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова категорично ги демантираше наводите во соопштението на политичката партија Демократската унија за интеграција објавено на 18 февруари 2025 година, според кои Претседателката на државата не упатила честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Согласно дипломатската пракса, претседателката Сиљановска-Давкова на 17 февруари 2025 година, преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, упати писмо-честитка до нејзиниот хомолог, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу“, велат од Кабинетот.
Во соопштението се вели дека „за кабинетот е неприфатливо што ДУИ преку пласирањето на лажни и непроверени информации и извлекување на неосновани констатации, се обидува да го наруши угледот и кредибилитетот на претседателката Сиљановска-Давкова“.
Претседателскиот кабинет соопшти и дека претседателката Сиљановска-Давкова ја прифатила поканата за присуство на свечениот прием по повод одбележувањето на Денот на независноста на Република Косово, што вечерва го приредува косовската Амбасада, што според Кабинетот е уште една потврда дека не станува збор за дипломатски превид или за поткопување на добрососедството.
Кабинетот го достави и интегралниот текст од честитката на претседателката упатена до нејзината колешка во Косово, Вјоса Османи.
„Во интерес на објективното јавно информирање, а со цел да не дозволиме граѓаните да бидат манипулирани, во прилог го доставуваме интегралниот текст на писмото-честитка упатено по повод Денот на независноста на Република Косово“, се вели во написот
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа