Прес24 дознава: Уапсената докторка побарала мито од 100 евра - била очен лекар

 

Уапсената докторка во битолската болница која примила мито е очен лекар, има 67 години и ова не и било првпат да побара пари од пациентка, дознава Прес24. Фатена е со одбележаните банкноти кои пациентката и ги дала, но овој пат решила да ја пријави во полиција за поткуп. Станува збор за 100 евра. 

И од обвинителство ја потврдија информацијата која Прес24 ја објави предмалку, дека докторка примила поткуп во битолската болница.

ОЈО Битола и СВР Битола постапуваат за кривично дело примање поткуп од осомничена докторка. Се уште се преземаат дејствија, така што повеќе информации во текот на утрешниот ден, соопштија од обвинителството за Прес24.

За потсетување, за случајот се огласија и од МЗ од каде појаснуваат:
Министерството за здравство најостро го осудува секој облик на коруптивно однесување во здравствениот систем. Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола, каде што денес медицинско лице е затекнато при примање поткуп, Министерството веднаш иницира постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури. Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство.
Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман. Министерството не толерира корупција и ќе ги санкционира сите прекршоци за да ја зачува довербата во здравствениот систем.

Очекуваме институционална истрага и завршница од надлежните органи, со цел ефикасна борба против корупцијата. Ги повикуваме граѓаните да продолжат да пријавуваат преку веб алатката „Пријави неправилности“, додека институциите да продолжат постапуваат доследно и без селективност, велат од МЗ.

16.07.2025 - 19:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега