Премиерот ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека заедно со Коцевски штити началник на СВР Штип

 

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека заедно со обвинителот Коцевски го заштитува тогашниот началник на СВР Штип, Дејан Салтировски, за кого не е покренато обвинение за пожарот кочанската дискотека. 

„Жалам што СДСМ и инсталации во опозицијата се обидуваат на еден мизерен начин да ја злоупотребуваат оваа трагедија. Тоа што го прават е нечовечки и нехумано, но оставам граѓаните да судат и да пресудуваат. Луѓето во чие време се случија најголемите сообраќајни несреќи кои однесоа десетици човечки животи, луѓе живи гореа, додека компании во Хонг Конг регистрирани за трговија со банани и јужно овошје трипати ги натплаќаа вакцините во време на ковид-кризата, луѓето во чие време како Влада се случи најголемиот скандал во здравството, на Онкологија, кога беше јасно дека пациентите во терминална фаза наместо терапија добиваат раствори итн.“ кажа премиерот.

Тој вели дека обвинителот Коцевски „никако не може да биде близок со ВМРО-ДПМНЕ“ и дека тој бил предлог на претходната власт и го гласале тогаш нивни пратеници. 

„СДСМ, ДУИ и други политички партии може да ја потценуваат јавноста, но таа е свесна и многу добро знае кој стои зад изборот на овие три имиња – Абази, Бубевски и Коцевски. Во една прилика во парламентот го читав листингот на пратениците кои го гласаа Љупчо Коцевски за јавен обвинител. Тој може да биде сѐ, но никако не може да биде близок до ВМРО-ДПМНЕ туку тој е јасно изгласан од мнозинството во Парламент и во Владата во која членувале СДСМ и ДУИ, на предлог на тогашниот прв заменик претседател на Владата, г. Артан Груби. Се разбира дека ги отфрлам овие неосновани обвинувања и ги повикувам СДСМ, но и останатите кои се обидуваат да профитираат политички на оваа ужасна трагедија, да не го прават тоа“, рече Мицкоски.

 
01.06.2025 - 14:02

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега