Пратеникот Миле Талевски избран за член на Меѓународниот секретаријат на Интерпарламентарното Собрание на Православието
Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарното Собрание на Православието (ИПС на Православието), пратеникот Миле Талевски на 32. Генерално Собрание на ИПС на Православието што, од 3 до 5 јуни 2025 година, се одржува во Букурешт, Романија е избран за член на Меѓународниот секретаријат на ИПС на Православието, соопшти денеска собраниската прес-служба.
Меѓународниот секретаријат е составен од шест члена, има мандат од две години и работи на реализација и имплементација на одлуките на Генералното Собрание на ИПС на Православието. Во овој состав претставници на ова тело, покрај Талевски се и пратеници од Кипар, Египет, Естонија Грузија и Србија.
Делегатите на 32. Генерално Собрание на ИПС на Православието разговараа на темата „Соработката на парламентарните и на религиозните институции во моделирањето на упатствата за користењето на вештачката интелегенција, во контекст на Прогласот на ИПУ од Маракеш“.
На состанокот, како што се наведува во соопштението, се обратил претседателот на Генералното Собрание на ИПС на Православието, Јоан Волпеску, пратеник од Романија, кој нагласил дека во услови на предизвици со кои се соочува денешнината, многу е важно да бидеме обединети, да се спротивставиме на предизвиците и да бидеме чувари на демократијата.
Геднералниот секретар на ИПС на Православието Максимос Каракопулос ги осудил случувањата во Појасот Газа, како и воената агресија на Русија кон Украина, истакнувајќи дека мора да се стави крај на сите видови агресија кои ги нарушуваат основните човекови права. Тој додал дека ИПС на Православието ги поддржува сите иницијативи кои водат кон соработка и разбирање меѓу нациите.
Работата на 32. Генерално Собрание на ИПС на Православието ја отворил претседателот на Домот на пратеници на Романија, Кипријан Сербан, кој нагласил дека меѓурелигискиот дијалог зближува онаму каде што политичкиот фактор не успева.
Поздравно обраќање имал и потпретседателот на Сенатот на Романија, Роберт Казанцуич, кој се осврнал на предизвиците што ги носи вештачката интелегенција и на потребата со законски норми да се регулира употребата на вештачката интелегенција во насока на заштита на фундаменталните човекови права.
-Министерот за економија, дигитализација, претприемништво и туризам на Романија, Богдан Иван, нагласи дека многу често луѓето се плашат од вештачката интелегенција и новата технологија, што е разбирливо бидејќи се она што до крај не го разбираме не плаши. Но, додаде тој, прогресот и придобивките од новата техноилогија е огромен, а наша обврска останува да бидеме сигурни дека дигиталните алатки ќе ги користиме мудро и во интерес на развојот, се наведува во соопштението.
Во рамките на дискусијата делегатите биле единствени во ставот дека живееме во времиња во кои технологијата, владеењето и етиката мора да бидат испреплетени. Етиката не смее да биде брана за технолошкиот прогрес, туку гаранција за негова правилна примена. На состанокот била нагласена потребата од дијалог меѓу политичките и религиските лидери кога е во прашање употребата на вештачката интелегенција.
Во рамки на дискусијата делегатите се осврнале и на воената агресија од страна на Русија кон Украина, но и на случувањата во Појасот Газа и изразија загриженост за загрозувањето на основните човекови права.
(Интерпарламентарното собрание на Православието (ИПСП) е политичка меѓународна организација, интерпарламентарно тело, формирано по иницијатива на парламентот на Република Грција во 1993 година, со седиште во Грчкиот парламент во Атина, кое брои 25 земји-членки и соработува со ИПУ, ПС на Медитеранот, ПАБСЕК, Парламентарната унија на Организацијата за исламска соработка и Пан-Африканскиот парламент.
Во контекст на новата историска и политичка реалност и промените кои настанаа во почетокот на деведесетите години со падот на комунизмот во југоисточна Европа и Договорот од Мастрихт, учесниците на основачката Конференција „се согласија дека е потребно поголемо присуство и влијание на православието како заеднички религиски и културен израз на огромен број европски граѓани што ќе придонесе за обликување на современата, посткомунистичка Европа”.
Самата цел на организацијата е да развие повеќеслојна политичка и културна активност во насока на поттикнување на контакти и проширување на односите на доверба, разбирање на современите политички феномени и општествените трендови и истакнување на елементите на православието како позитивно влијание на меѓусебното разбирање меѓу културите. Двата столба на кои се заснова ИПСП се: од една страна одбрана на независниот парламентаризам и од друга страна ширење и консолидирање на принципите и вредностите на Православната христијанска традиција. Во основа секоја активност на ИПСП е фокусирана на оние кои страдаат.)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа