Повеќе од 200 последователни потреси ја погодија северозападна Турција

 

Повеќе од 200 последователни потреси ја погодија северозападна Турција денеска, по вчерашниот земјотрес со јачина од 6,1 степени. Турската агенција за управување со катастрофи АФАД соопшти дека регистрирала 237 последователни потреси, од кои 10 биле со јачина од најмалку 4,0 степени.

Многу жители на погодениот регион ја поминале ноќта надвор или во своите автомобили од страв од понатамошни потреси, објавија турските медиуми. Епицентрите на земјотресите се наоѓале во округот Синдирги во покраината Баликесир, каде што вчера во земјотресот загина најмалку едно лице, а 29 се повредени.

Земјотресот се случил на длабочина од 11 километри и бил почувствуван во Истанбул и Измир, на повеќе од 200 километри оддалеченост. Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека најмалку 16 куќи се уништени во земјотресот. Спасувачките операции се завршени, а четири лица се во болница.

Земјотресите се чести во Турција бидејќи се наоѓа на спојот на три големи тектонски плочи. Истанбул, кој беше погоден од земјотрес со магнитуда од 6,2 степени во април, е посебно изложен. „Двојните“ земјотреси во февруари 2023 година убија повеќе од 53 илјади луѓе во јужна Турција и неколку илјади во блиска Сирија.

11.08.2025 - 11:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега