Поранешен белгиски пратеник осуден поради објавени расистички содржини
Апелацискиот суд во градот Гент го осуди поранешниот белгиски пратеник Дрис Ван Лангенхове на условната затворска казна од една година и 16.000 евра поради кршење на Законот за борба против расизмот и негирање на Холокаустот.
Според пресудата, Ван Лангенхове е виновен поради тоа што пред седум години администрирал интернет група во која биле објавувани расистички содржини.
По објавувањето на пресудата Ван Лангенхове изјави дека не ја прифаќа казната и дека ќе поднесе жалба до Касацискиот суд на Белгија.
Коментирајќи ја казната, Ван Лангенхове изјави дека Судот решил да го осуди само на условна, а не и на затворска казна затоа што „најверојатно затворите во Белгија се буквално полни со илегални мигранти“.
– Повеќето луѓе не сфаќаат дека крајниот резултат од таквата казна е ист. Еден политички некоректен твит сега може да ме одведе во затвор. Една објава испратена од некој друг во групен разговор во кој учествувам и јас, може да ја претвори условната казна во ефективна. Оваа условна казна е најтешката форма на цензура што можат да ја спроведат и ефикасен начин да го убијат активизмот, истакна Ван Лангенхове.
Според него, пресудата претставува „црн ден за слободата на говорот, за Фландрија и за Европа“.
– Јас, моето семејство и моето опкружување бевме тероризирани поради хумор во приватна чет група од пред седум години. За жал, Судот никогаш не сакаше да ме слушне, дури ни сега, рече Ван Лангенхове.
Пресудата е донесена врз основа на тужба против Ван Лангенхове затоа што во 2018 година бил администратор на онлајн групата „Штит и пријатели“ на Фејсбук во која членовите, според обвинението, разменувале „потенцијално расистички и сексистички содржини“, меѓу кои и т.н. мемиња и анимирани филмови.
Одлуката на Судот во Гент е донесена по жалбата на пресудата на првостепен суд од минатата година со која Ван Лангенхове беше осуден на една година затвор, парична казна од 16.000 евра и лишување од граѓанските права за период од 10 години, со што му се забранува кандидирање на избори.
Сепак, Апелацискиот суд ја замени затворската казна со условна и ја укина пресудата за лишување од граѓанските права, но ја потврди паричната казна од 16.000 евра, со образложение дека делото за кое се товари Ван Лангенхове е сторено пред седум години, па затоа тој „заслужува поблага казна“.
Во својата одбрана Ван Лангенхове тврдеше дека станува збор за шеги што ги објавиле други членови на групата, а не тој.
Судот оцени дека тврдењето на Ван Лангенхове оти станува збор за шеги е неприфатливо, затоа што хуморот не може да се користи како одбрана ако вистинската намера на објавените содржини е да се поттикне омраза.
„Во приватната група, патем, не беа објавувани само шеги и анимирани филмови, туку и многу други содржини, обично пораки, кои покажуваат дека во „Штит и пријатели“ очигледно и постојано се поттикнувани дискриминација и расизам, оцени Судот.
Според Судот, иако Ван Лангенхове не ги објавувал пораките, сепак тој како администратор бил одговорен за содржините што се објавуваат во групата, а не преземал ништо да ги отстрани, иако имал можност за тоа.
Сега во врска со пресудата треба да се изјасни највисокиот жалбен суд во Белгија – Касацискиот. Согласно законот, тој само ја оценува законитоста на судската пресуда и може да донесе одлука за евентуално повторување на постапката.
Ван Лангенхове најави дека нема да се откаже од борбата за докажување на својата невиност и доколку е потребно „ќе оди и до Европскиот суд“.
Ван Лангенхове, беше член на Долниот дом на белгискиот Федерален парламент од 2019 до 2023 година, како независен пратеник избран на листата на националистичка, десно популистичка и антимиграциска партија Фламански интерес (ВБ). Иако мандатот за кој беше избран Ван Лангенхове беше до 2024 година, тој во февруари 2023 поднесе оставка на пратеничката функција со образложение дека неговата работа во Парламентот донела „многу малку резултати“ и оти верува дека активизмот и работата на социјалните медиуми „ќе донесат најголема разлика за фламанскиот народ“.
Инаку, покрај Ван Лангенхове судски постапки за овој случај беа покренати по уште седум други членови на групата. Петмина од нив беа казнети со 80 часа општествено корисна работа и парични казни од 1.600 евра, а двајца добија условни затворски казни од три години.
Приврзаниците на Ван Лангенхове тврдат дека тој е жртва на зајакнатите законите за борба против говорот на омраза во ЕУ, кои властите во Белгија ги користат за прогон и притисок врз политичките дисиденти и антиимиграциски активисти. Според нив, овие закони не се фокусирани на слободата на говорот, туку пред се на прашања поврзани со расата, полот и миграцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа