Поранешен американски сенатор осуден на 11 години затвор за корупција
Поранешниот американски сенатор Боб Менендез (71) е осуден на 11 години федерален затвор под обвинение за мито, изнуда и корупција.
Менендез, долгогодишен претставник на Демократската партија од Њу Џерси, беше осуден по 16 точки поврзани со обвинувањата за примање мито, вклучително и златни прачки и готовина, во замена за политички услуги.
Во 12-минутниот говор пред изрекувањето на пресудата во федералната судница во Њујорк, Менендез со солзи ги призна грешките од минатото, но ја бранеше својата јавна служба, објавија неколку американски медиуми кои беа присутни на сослушувањето.
– Направив многу повеќе добро отколку лошо, рече тој.
Федералната порота во Њујорк во јули го прогласи Менендез за виновен за примање мито од стотици илјади долари и дејствување како нерегистриран странски агент.
Обвинителите тврдеа дека Менендез примал мито од тројца бизнисмени од Њу Џерси, Фред Даибес, Ваел Хан и Хозе Урибе, вклучувајќи златни прачки, плаќања за хипотека, луксузен автомобил и повеќе од 480.000 долари во готовина. Во замена, тој, наводно, штител поединци од гонење и ја користел својата позиција во корист на египетската и катарската влада.
Менендез поднесе оставка како претседател на Комитетот за надворешни односи на Сенатот во август и беше познат и по тоа што се противеше на продажбата на оружје на Турција, сојузник на САД во НАТО, поради очигледните врски со грчкото и ерменското лоби во САД.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа