Подметнат пожар на аеродромот во Рим, појдовните и дојдовните летови се суспендирани

 


Авиосообраќајот на аеродромот Чампино во Рим беше привремено прекинат поради подметнување пожар во техничката просторија во подножјето на контролната кула. Вработените во оперативната сала биле принудени да ја напуштат просторијата поради чад, пренесуваат италијанските медиуми.

Поради оваа причина, појдовните и дојдовните летови се суспендирани. Според информациите, грузиски државјанин бил уапсен поради подметнување пожар. Тој пред неколку дена пристигнал во Италија и немал криминално досие. Понатамошни истраги за неговиот статус се во тек.

Како што пренесуваат тамошните медиуми, во овој инцидент нема повредени.

Сите дојдовни летови се префрлаат на аеродромот Леонардо да Винчи, а патниците ќе се превезуваат со автобус бесплатно.

Пожарникарите пријавиле дека интервенирале околу 7 часот и 20 минути, веднаш по пријавувањето на инцидентот. Тие изгаснале мал пожар „ кој избувнал внатре во канцелариите лоцирани под контролната кула“.

Спасувачите превентивно ја евакуирале целата зграда поради густиот чад.

05.02.2025 - 12:33

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега