Поддршка од ЛДП за измените на Изборниот законик и заштита на правото на кандидирање на независни листи

 

Либерално-демократската партија како политичка опција која доследно се залага за демократија, владеење на правото и фер изборни процеси, внимателно го следи развојот на настаните поврзани со иницијативата на седум независни граѓански листи за итни измени на Изборниот законик, истакнуваат од оваа партија.

Според нив, по одлуката на Уставниот суд од март 2024 година, со која беше укината една од клучните одредби што го регулираа учеството на независните кандидати на избори, настаната е сериозна правна празнина. 

Таа, како што оценуваат, доколку не се пополни навреме, може да го загрози спроведувањето на локалните избори во 2025 година, но уште повеќе, да го оспори едно од основните демократски права: правото да се избира и да се биде избран, загарантирано со член 23 од Уставот на Република Северна Македонија.

ЛДП смета дека не е прифатливо во едно демократско општество да постојат законски нејаснотии кои создаваат простор за злоупотреби и исклучување на граѓаните од политичкиот процес. 

„Поддржуваме итно преземање конкретни чекори за надминување на овој вакуум.

Очекуваме Министерството за правда да формира експертска работна група без одлагање, со вклученост на претставници од граѓанските иницијативи, и парламентарните партии се со цел да се изнајде правично, инклузивно и одржливо законско решение“.

ЛДП, додаваат од таму, е подготвена да даде свој придонес во процесот и ќе го поддржи секој законски предлог кој произлегува од транспарентен и инклузивен дијалог, со крајна цел: изборен систем кој ги штити правата на сите граѓани и ја поттикнува нивната политичка партиципација.

„Нашето убедување е јасно — демократијата не е привилегија на партиите, туку право на сите граѓани. Локалната самоуправа е срцето на демократското учество, и затоа секој граѓанин треба да има можност да се кандидира и да биде претставен“.

 
30.05.2025 - 17:54
Фото: 
МАКФАКС

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега