Побарал пари од фризер, па ги украл – разбојничка кражба во фризерски салон

 

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 22-годишен битолчанец осомничен за кривично дело – Разбојничка кражба од член 238 став 1 од Кривичниот законик.

На 23 јуни околу пладне, осомничениот влегол во фризерски салон и побарал пари од фризерот. Тој одбил доброволно да му даде, по што осомничениот го искористил моментот кога оштетениот се оддалечил од фиоката во која го чувал прометот од фризерските услуги, ја отворил фиоката и ги одзел речиси сите пари кои биле внатре, односно 3.000 денари.

Веднаш се обидел да избега од салонот, но оштетениот го фатил и го држел за да го спречи да замине додека не биде повикана полиција. Затекнат при кражбата, осомничениот му се заканил на оштетениот дека ќе го испрска со солзавец, поради што тој го пуштил да си замине со украдените парични средства.

Лицето е се уште во бегство и полицијата трага по него. Во меѓувреме, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор која ќе започне да се применува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Притворската мерка е побарана бидејќи се работи за лице кое и претходно е осудувано за исти и слични дела и очигледно е дека се крие и се обидува да ги избегне органите на прогонот.

Исто така, важни докази за настанот се исказите на оштетениот и на сведоците кои во моментот биле присутни во фризерскиот салон, па без најстрогата мерка за обезбедување постои реална опасност осомничениот да се обиде да влијае врз нив и со тоа да ја попречува истражната постапка. Јавниот обвинител особено го имаше предвид исказот на оштетениот кој се чувствува загрозен и бара да биде заштитен од осомничениот во текот на постапката.

28.06.2025 - 11:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега