Плусинфо: Разузнавачки игри - Секл и Ременски го наместиле „кралот на местенките“

 

Христијан Илиевски, во јавноста познат како „кралот на местенките“ во италијанската Калчо лига, тврди дека бил жртва на монтирано сценарио кое резултирало со негово протерување од Хрватска. Како што објави Плусинфо, во март 2024 година тој бил приведен на Мали Лошињ по дојава од хрватската СОА дека претставува закана за националната безбедност. По апсењето, бил протеран во Унгарија, а Управниот суд во Риека и Високиот управен суд ја потврдиле мерката. Подоцна, Уставниот суд на Хрватска ја укинал оваа одлука, оценувајќи дека му било нарушено правото на правично судење.

Илиевски во своите изјави наведува дека бил прикажан како вмешан во сериозен организиран криминал, иако во моментот против него нема активни постапки. Тој тврди дека станал жртва на дезинформации кои, според неговите наводи, биле испратени од македонската Агенција за национална безбедност кон хрватските власти. Како мотив за тоа го посочува одбивањето да плати рекет.

Во претставка поднесена до директорот на АНБ во мај годинава, Илиевски ги именува вработените Вилијам Секл и Јовче Ременски како службеници кои, според него, испраќале лажни информации со цел да му наштетат. Одговор од институцијата, како што пренесува Плусинфо, постои, но деталите не се јавно објавени.

Илиевски денес живее и работи во Равена, Италија, каде што се занимава со градежништво. Во минатото тој беше дел од меѓународниот скандал со местење натпревари, за што во 2015 година во Македонија доби условна казна од две години затвор по признавање вина.

 

04.09.2025 - 12:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега