ОЈО бара притвор: За лажната дојава за бомба на скопскиот аеродром ќе одговара за „тероризам“
Постапувајќи по кривичната пријава, поднесена од МВР, обвинител од ОЈО - ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело „тероризам“, информираат денеска од Јавното обвинителство, додавајќи дека предложен е и притвор.
- Осомничениот на 16. овој месец во раните утрински часови, преку телефонската линија за итни случаи 192, со умисла упатил сериозна закана за подметната бомба во воздухоплов на Меѓународен аеродром - Скопје, на летот Скопје - Анталија. Веднаш по приемот на заканата, од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, активирани биле протоколите за антитерористичка проверка и по неколкучасовна проверка, утврдено е дека станува збор за лажна пријава. Осомничениот со својата постапка создал чувство на страв и несигурност кај патниците и другите присутни на аеродромот, а воедно со активирање на протоколите за антитерористичка проверка го пореметил и севкупниот воздушен сообраќај, потенцираат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд - Скопје, како што додаваат, достави предлог за определување мерка притвор против осомничениот, образложувајќи ги околностите што го оправдуваат предлогот и упатуваат на тоа дека во конкретниот случај, целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа