Обвинителството потврди: Во тек е акција за апсење на повеќе лица за трагедијата во Кочани
По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани, потврдија од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Од Обвинителството велат дека надлежните институции координирано ќе ја информираат јавноста штом бидат завршени дејствијата кои се во тек.
Основното јавно обвинителство Кочани вчера до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека.
Како што сooпштија, само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката. Во исто време, посочија од ОЈО, продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
За пожарот во Кочани, Основно јавно обвинителство досега отвори истрага против 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, животот го загубија 61 лице, а речиси 200 беа повредени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа