Обвинителите од Западен Балкан се сретнаа во Тирана: Коцевски и Абази за заедничка борба против криминалот

 


Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, денеска заедно со шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази и јавната обвинителка за врски на земјава со Европравда Ленче Ристоска учествуваа на вториот годишен Консултативен форум на шефови на државни и специјални обвинителства во Западен Балкан, којшто се одржува во Тирана во организација на Европравда.

Како што соопштуваат од Основното јавно обвинителство, на денешниот состанок републичкиот јавен обвинител Коцевски посочил дека решенијата за предизвиците со кои се соочува регионот се во заедничкото дејствување, меѓусебната размена на информации, како и склучување на договори за формирање на заеднички истражни тимови. Според Коцевски, на овој начин, не само што ќе се зголеми ефикасноста на институциите, туку ќе се зголеми и правната сигурност за граѓаните кои очекуваат резултати.

– Нашиот регион се соочува со слични предизвици – транснационален криминал, корупција, трговија со луѓе, перење пари и решенијата за овие предизвици, сè почесто, лежат во заедничко дејствување. Затоа, преку формализирање на нашата соработка, како што се склучување на договорите за формирање на заеднички истражни тимови, но и преку понепосредна спонтана размена на информации, ја зголемуваме, не само ефикасноста на нашите институции, туку и правната сигурност за граѓаните кои очекуваат резултати, посочил Коцевски.

Тој додава дека размената на оперативните информации сè повеќе добива на значење, посочувајќи на фактот што годинава во рамки на АСЕТ проектот преку паралелни проверки во земјите на Западен Балкан на ВИП таргети, биле лоцирани противправно стекнати средства и имот во секоја од државите во регионот, што било од особено значење за кривичните постапки и испраќање цврста порака дека криминалот не е исплатлив.

Шефот на ОЈОГОКК Абази во своето обраќање се осврнал кон борбата против нарко-картелите кои оперираат во земјава, за кои, вели, освен трговијата со дрога преземаат и други дејствија, односно ликвидации, вооружени пресметки, заплашувања и така натаму.

– Ние во последниот период сериозно се зафативме со борбата против нарко-картелите кои оперираат во Северна Македонија, кои освен трговијата со дрога, преземаат и други дејствија поради кои сведочиме на ескалација на насилството поврзано со пазарот на дрога – ликвидации, вооружени пресметки, заплашувања. Организаторите на овие дејствија не се маргинални групи, туку добро структурирани криминални организации со регионални и меѓународни врски. Овие мрежи оперираат преку шеми кои не познаваат граници и кои бараат подеднакво прекуграничен, брз и координиран одговор“, истакнал Абази.

Најавил дека во следниот период постапките на Обвинителството ќе бидат уште повеќе насочени и кон сложените форми на економски криминал и перење пари, за што регионалната и меѓународната димензија на финансиските истраги ќе стане еден од клучните приоритети.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во моментов има четири активни заеднички истражни тимови со други држави од регионот, кои се формирани со цел поефикасно справување со сложени форми на организиран криминал и корупција.

На маргините на средбата во Тирана, македонските јавни обвинители остварија повеќе билатерални средби со колегите од регионот, на кои во детали разговараа за модалитетите за унапредување на заемната соработка. Исто така, делегацијата на македонското обвинителство предводена од Коцевски оствари средба и со претседателот на Европравда Михаел Шмит. 

17.06.2025 - 16:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега