Нови услуги на МВР достапни онлајн: Сега може дигитално да се извадат потврди за сопственост и за историјат на возила

 

Одличната соработка помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Министерството за внатрешни работи доведе до тоа да нови две услуги се достапни за граѓаните електронски на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk.

Станува збор за многу користени потврди за моторни возила кои се употребуваат во прометот - Потврда за моментална сопственост на моторни возила за физички лица и Потврда за поседување на моторни возила за одреден временски период за физички лица (историјат за возило).

Овие две услуги отсега се достапни во електронска форма и истите можат да се употребуваат во правниот промет. Нивното добивање е достапно и во центрите за услуги на Министерството за дигитална трансформација во Скопје (Центар), Аеродром, Куманово, Тетово, Јегуновце, Битола, Охрид и Штип.

Дигитализацијата на овие нови услуги на Националниот портал е значаен чекор напред во насока на транспарентност и ефикасност на институциите. Со нивното дигитализирање, граѓаните добиваат ефикасна услуга, јасен увид во постапките, намалувајќи ја можноста за злоупотреби и зајакнувајќи ја довербата во јавната администрација.

Дополнително, ова претставува пример за успешна меѓуинституционална соработка, каде податоците од Министерството за внатрешни работи се интегрираат преку платформата за интероперабилност со Националниот портал управуван од Министерството за дигитална трансформација. Оваа заедничка работа овозможува унапредување на јавните услуги на начин кој е поедноставен, побрз и потранспарентен за сите граѓани.

Соработката со Министерството за внатрешни работи продолжува и во иднина, и за очекување се и нови услуги кои ќе се нудат за граѓаните по електронски пат. Министерството за дигитална трансформација останува посветено на проширување на вакви примери на соработка со другите институции, со цел да се обезбеди дигитализирана држава која работи ефикасно, отворено и во служба на секој граѓанин.

19.04.2025 - 12:22

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега